СЕ ДРУЖИМЕ СО АНТОНИЈ, МИЛА И SKOPJE PAWS ВО ЛУНА ПЕТ  САБОТА 6 АПРИЛ 2024 ПРОФЕСИОНАЛНА ПРОШЕТКА СО КУЧИЊА НИЗ СКОПЈЕ – ОД ИДЕЈА ДО РЕАЛИЗАЦИЈА

Конечно и Скопје, како и останатите европски метрополи, доби можност за професионална прошетка на домашните миленици низ скопските улици и тоа благодарение на Антониј, Мила и SKOPJE PAWS.

Професионалната прошетка на домашните миленици низ урбаните улици ширум светот е пракса воспоставена одамна и е нешто што долги години наназад гледаме на TВ екраните и социјалните мрежи. Но, секако, Скопје не беше дел од таа приказна, сè досега. Имено, во XXI век не го живееме животот, туку го „трчаме“, па поради тоа, секоја помош, од секаков тип, а посебно доколку се однесува на нашите крзнени пријателчиња, ни е повеќе од потребна.

Идејата за прошетка на кучиња потекнува од Мила, сестрата на Антониј, која, откако ја споделила со него, започнале со истражување на проблемот и како што вели Антониј: „Увидувајќи дека главната таргет група се личности од понежниот пол на возраст од 30+ години, со професионален живот и други домашни обврски, другата група се над 60+ години кои не се физички повеќе способни да го шетаат своето милениче“, а сите ние знаеме колку тие уживаат во секоја прошетка и колку многу им е потребна, како за физичкото, така и за емоционалното здравје.

По деталното истражување на проблемот и изнаоѓањето на идејното решение за истиот, го имаме резултатот, а тоа е SKOPJE PAWS и нивното мото: „Ние ќе го прошетаме Вашиот миленик.“

Антониј и Мила, брат и сестра, обајцата студенти на графички дизајн на Европскиот Универзитет во Скопје, со голема гордост и радост раскажуваат за првиот клиент Јоги и велат: „Сакаме сè да е перфектно и идеално, сите да се задоволни и среќни. Таа среќа ни ја покажуваат кученцата кои ги шетаме и нивните сопственици кога ќе ни речат дека кучето знае кога му е терминот, а тоа е `збеснато` половина час претходно.“

Доколку и Вие и Вашите миленичиња сакате да бидете дел од оваа приказна, сите ние со огромно задоволство ќе Ве очекуваме во Луна Пет, во сабота, 6 април, од 11.00 до 14.00 ч., каде тие лично ќе Ви ги раскажат сите досегашни лични искуства, проткаени со многу интересни моменти и весели опавчиња.

Дружбата ќе биде специјално наменета за нашите крзнени пријателчиња, ќе биде интерактивна и весела, со дегустација на нови грицки, уметничко катче со боење на шепи, сликање со Владимир и Pawtraits и секако, многу забава, музика и подароци за нашите крзнени пријателчиња.

Со нетрпение Ве очекуваме!

SKOPJE PAWS

и

Тимот на Луна Пет

Датум

06 Апр 2024
Завршено

Време

11:00 - 14:00
QR Code