Секогаш се радуваме кога летото ќе ни дојде- плажа и сонце, повеќе дружби и прошетки, а и денот е многу долг! Но, во лето има еден голем проблем за нашите миленици, а тоа се високите температури. За поголем дел од милениците летните температури претставуваат проблем и се најчеста причина за голем број здравствени проблеми, почнувајќи од тешко дишење па се до топлотен удар.
Еве еден интересен факт: кучињата не се способни да се оладат преку пот како што може нашето тело, бидејќи тие се потат преку нивните шепи (не преку цело тело). На голем број на раси крзното е наменето да задржува топлина, отколку да ги разлади. Затоа добро е да знаеш неколку трикови за тоа како може да го разладиш твоето милениче кога надвор е топло.
- Само доколку е навистина потребно, може да го изнесеш твоето милениче до надвор и само на кратко време. За се останато најдобро е да го оставиш дома додека не се разлади надвор.
- Прошетките организирајте ги да бидат рано наутро и вечер подоцна. Во тој период температурите не се толку високи и асфалтот не е жежок. Доколку е навистина потребно, излезете многу кратко во текот на денот без прошетка на сонцето.
- Внимавај твоето милениче да внесува доволно течности! Кога температурите се високи многу лесно може милениците да дехидрираат без ние да забележиме. Неколку идеи да зголемиш внес на течности се: грчки јогурт, овошје и зеленчук кое содржи вода (краставица, лубеница), течна храна (пауч, конзерва). Ова е особено важно за мачињата!
- Не заборавај редовно да ја менуваш водата во тањирчето! Сите сакаме свежа вода кога надвор е топло, а не е лоша идеа да додадеш и коцка две мраз.
- Дали знаеш дека голем број на кучиња страдаат од изгореници на перничињата? Тоа се случува од шетање или стоење на жежок асфалт, песок, плочки и слично. Затоа најдобро пред да излезеш надвор, допри и задржи 10 секунди со прсти доле на асфалтот. Доколку прстите ти се црвени и ти жежи, тогаш не се препорачува шетање и излегување надвор. (за оваа тема ќе имаме и посебна дискусија)
- Користи подлога за ладење, базен или играчки за ладење и направи забава за целото семејство на тераса или во двор! Сите сакаме игри со вода па затоа сигурни сме дека ќе биде забава за сите во домот.
- Никако НИКАКО не го оставај твоето милениче во кола! Температурата во кола може двојно да порасне од надворешната температура и со тоа настапува моментална смрт на милениците. Затоа под ни еден услов не го оставај миленикот ни 5 секунди во кола.
- Доколку е потребно итно да ја намалите телесната температура, може да ги истриете шепите и кај пазувите на предните ноџиња со алкохол. Никако не користете ладна вода зошто може да го “пресечете” телото.
- Доколку се забавувате во двор и сакате да се разладите со црево, пуштете ја првата вода на страна зошто таа вода е стоена надвор и е ужештена. Доколку го испрскате кучето со првата вода од цревото може да предизвикате изгореници по телото.
Имајте прекрасно лето исполнето со многу забава и уживање. Ние сме тука да Ве потсетиме на некои важни работи за да бидете безбедни на овие високи температури <3