На што треба да внимаваш оваа есен?

Кога ќе кажеме дека ни е дојдена есента, тогаш сигурно одма не асоцира на шушкавите листови под нозете! Веќе може повторно да започнеме со подолги прошетки и активности на отворено бидејќи времето е свежо и идеално за нашите кучиња. Сепак има некои работи кои треба да ги напоменеме на почеток на есента за нашите најдобри пријатели да бидат среќни и здрави оваа есен 😊

Внимавај на вировите!

На есен повеќе врне, а тоа значи дека вирчиња има на секој чекор. Има кучиња кои ги избегнуваат, а некои пак едвај чекаат да се избањаат во нив! Сепак, има и кучиња кои може да се напијат од водата, а тоа може да предизвика сериозен проблем. Еве што може да предизвика проблем:

Во вировите има многу нечистотии и бактерии кои се опасни по здравјето за нашите миленици бидејќи таа вода не е соодветна за пиење. Вировите содржат бактерија која предизвикува лептоспироз (Leptospirosis), болест се шири преку урина на заразени животни и може да дојде до оштетување на бубрезите, откажување на црниот дроб, респираторни проблеми и предизвикува сериозни здравствени последици.

Дополнително, калта околу вировите создава идеални услови за живот за внатрешни паразити. Овие паразити можат да предизвикаат загуба на крв и протеини од дигестивниот трак. Губењето на крв и/или протеини од дигестивниот тракт може да доведе до летаргија, слабост, загуба на мускулна тежина, акумулација на течност во абдоменот и низа други проблеми.

Доколку миленичето се напие од вировите по улицте или тротоарите, постои ризик од труење. Најчесто токму овие вирови содржат хемикалии од автомобили, како што е антифирз, бензин и др. Антифризот, особено, е многу токсичен за животните. Труењето со нафтени продукти (сурова нафта, моторно масло, бензин или дизел) може да влијае на респираторниот, гастроинтестиналниот, интегралниот систем (кожата) или централниот нервен систем.

Затоа секогаш имај при рака шише или тањирче за вода, бидејќи можеби е посвежо ама сепак нашите миленици може да ожеднат при долга прошетка.

Внимавај на паднатите листови!

Ние па дури и кучињата се возбудени кога ќе ни крцкаат листовите под нозете, ама исто така знаеме дека тие може да бидат супер лизгави! Доколку имаш повозрасно куче кое има проблеми со зглобовите или кучињата кои имаат проблеми со координација се особено склони да се лизнат на влажните листови што би можело да доведе до болка или неудобност.

Дополнително листовите можат да кријат остри предмети или отровни инсекти кои лесно би можеле да ги оштетат или повредат шепите на нашите миленици. Затоа колку и да изгледа забавно, не дозволувај на твоето куче да скока и да се крие во куповите паднати листови. Доколку случајно успее да ти побегне и да се тркала по листовите, обавезно провери ги шепите и телото за боцки, гребнатини или повреди.

Но, најголема опасност има за кучињата кои се склони да јадат од земја за време на прошетките. Доколку твоето куче изеде измет од друго животно без да знаеш постои можност да фати жардија (Giardia) односно паразит кој се пренесува преку измет од заразено животно кој ја напаѓа слузницата на цревата и доведува до слабеење, дехидрација и хронична диареа.

Затоа внимавај доколку имаш мало кутре кое е љубопитно и за прв пат се запознава со листови или пак хиперактивно куче кое едвај чека да направи некоја беља за време на прошетките.

Бидете видливи!

Како што завршува летото така денот полека се намалува, тоа значи дека нашите прошетки попладне ќе бидат веќе и во темница. Затоа е важно да провериш дали твојата јакна и опремата на твоето милениче има рефлективни елементи.

Секогаш безбедноста е на прво место и за да останете видливи за возачите, велосипедистите и пешаците, размислете да иневстирате во рефлектирачка или висока видлива облека и опрема за шетање. Исто така може да додадеш и LED сијаличка на градникот или околувратникот за да може луѓето околу Вас да може да го видат твоето куче.

 

Бидете активни!

За време на есента може да имаме повеќе денови кога врне или е поладно, па затоа може ќе ни се чини како добра идеа да останеме дома на топло. Но, што е со вишокот на енергија на нашите кучиња? Доколку твоето куче остане дома ќе има многу вишок енергија и ќе му биде досадно, а тоа е одличен поттик да се направи некоја беља по дома 😊

Одржување на секојдневна физичка активност ќе му помогне на вашиот миленик да ја задржи здравата телесна тежина, како што ќе спречи и создавање на досада кај кучињата, која може да доведе до анксиозно или деструктивно однесување.

Но, доколку времето е лошо и нема услови за прошетка, тогаш може да си играте дома или пак да го запознаете со нова интерактивна играчка. Играчки кои ги активираат ментално за како да дојдат до грицки, игри со душкање или барање на предмети ментално ги стимулираат и понекогаш повеќе ќе ги уморат и од активна прошетка.

Кога сме веќе тука да те потсетиме на време да внимаваш на количината на храна и грицки која ја даваш на твоето куче. Доколку не е физички активно, а се зголеми внесот на храна или грицки тогаш за многу брзо твоето куче ќе ја зголеми телесната тежина која потоа ќе треба многу време да ја намали и да се врати во нормала. Доколку твоето куче сака некоја закуска плус, најди начин да се активира и “да ја заработи” 🙂

Желади и диви костени

Штом паднат првите листови, тогаш одма знаеме дека се крие и по некој див костен под листовите. Сепак овие есенски плодови се отровни за кучињата, поради што треба да внимаваме да не пробаат да ги изедат. Исто така и желадите, уште познати како буклинка можат да содржат танин. Танинот е токсична хемикалија која предизвикува оштетување на црниот дроб, бубрезите, блокади во дигестивниот тракт и може да предизвика фатални последици. Затоа ако знаеш дека твоето куче знае да изеде нешто од земја, не го носи на места каде има листови и паднати плодови, како на пример во парк. Но, доколку во твоето маало ги има насекаде овие есенски плодови, тогаш размисли за дресура или прошетка со маска за да не му ја скратиш слободата за шетање, а сепак а не се секираш дали ќе изеде нешто што не треба.

Дивите печурки се уште една грижа – иако некои се безопасни, други можат да бидат многу токсични. Најдобро е да се оддалечите од областите каде што тие растат или да го држите вашето куче на поводник за време на есенските проштеки.

Доколку забележиш дека твоето куче изело нешто, најдобро е одма да се јавиш на твојот матичен ветеринар и да ги следиш иструкциите кои ќе ви ги каже.

Не го оставај мокро и заштитете се од ветер!

Дождот, утринската роса или пак мократа трева знаат да ги наводенат шепите и крзното на твоето милениче. Доколку твоето куче седи мокро подолго време може да настине и да се разболи исто како и ние овој период! Затоа после секоја прошетка внимателно исуши го крзното и со микрофибер крпа исуши ги шепите како и внатре помеѓу перничињата. Доколку шепите се подолго време мокри, лесно може да се развие габична инфекција и со тоа да се појави непријатна миризба, црвенило и чешање на шепите.

Исто така штом температурите ќе почнат да се намалуваат, време е да ги облечете омилените џемперчиња или шушкавци за да се заштитите од ладно, ветер или дожд (Да, и на кучињата со двојно крзно им е ладно! 😊 ) Особено треба да внимавате на постарите кучиња, кучињата со кратко влакно и малите раси кои не генерираат доволно телесна топлина, поради што тие се поосетливи кон студот и имаат поголема потреба од заштита од временските услови.

Сеуште има надворешни паразити!

Иако надворешните паразите се нешто што најчесто го среќаваме во летото и пролета, крлежите и болвите се активни и во температури до 7 степени, што значи дека и понатаму постои потреба од ефикасна зажитита против паразити.

Иако ни е логично да треба да се намали или да не се штити од болви и крлежи во овој период од годината, сепак влажното време е идеална средина за нив! Затоа провери кога последен пат стави ампула или дали ремчето е сеуште активно за твоето куче.

 

Доколку имаш некој предлог или информација која сакаш да ја споделиш со нас,

те чекаме во коментар за си направиме муабет и да си споделиме совет плус 😊

 

Напишано од:
Марија Маркудова
Деспина Ковачева Алексовска