Домашна храна за кучиња- три најголеми грешки што ги прават сопственици на миленици

Ако треба да се одбере најпопуларна или пребарувана тема за нашите кучиња, тогаш тоа би било готвена домашна храна за кучиња! Се поголем број на сопственици се одлучуваат да ја сменат исхраната од “храна за куче”во домашно спремен оброк. Но, иако тоа може да ни се чини како одлична идеа и подобро за нашите кучиња, најчесто овие три грешки се повторуваат и за жал може да имаат сериозни последици по нивното здравје. Ајде да ги поминеме за и ти да не ја направиш истата грешка:

 

  1. Не постои готвена или сирова храна за одредена боја на крзно или раса.

Секогаш ни изгледа привлечно кога ќе прочитаме “храна за бело куче” или “храна за ретривер”, но за жал тоа е првата и најчеста грешка која се прави. Не постои храна за бело крзно, но постои храна специјализирана за твојот малтезер по име Бела (пример). Разликата е тоа што во готвената/сировата исхрана имаме можност да направиме исхрана според индивидуалните потреби на твоето куче, а тоа не може да е исто за сите малтезери (нели?)! За да направиш ваков тип на исхрана ти е потребно совет и насоки од сертифициран нутриционист за кучиња.

Поделбата на храна се состои од: возраст (кутре, возрасно, сениор), активност (активно или пасивно) и стерилизација (стерилизирано/ кастрирано или не). Има и други ситни поделби кои би биле важни доколку правиш персонализирана исхрана, но ова се најважните поделби кои треба да ги имаш на ум. Бело куче или долго влакно во никој случај не спаѓа тука и тоа е трик на кои треба да бидеш внимателен/а.

  1. Готвена/ сирова храна без суплементи за кучиња не може да биде комплетна.

Еден од најчестите рецепти кои со години се прават за кучињата е: ориз и пилешко месо. Тој тип на оброк се препорачува и кога кучето е болно или пак има проблеми со варење. Па логично е да се започне со ова мени, дополнително со некое овошје или зеленчук, но за жал тоа е сериозна грешка која може да го доведе организамот на твоето куче во сериозен недостаток на многу важни и есенцијални суплементи во секојдневната исхрана. Тој дефицит може да предизвика сериозни заболувања и здравствени проблеми на долг рок, па затоа мора да бидеме внимателни.

Доколку сакаш да го префрлиш твоето куче на готвена храна, тогаш мораш да се снабдиш и со суплементи соодветни според состојките кои ги користиш во менито. Најпотребни суплементи кај кучињата се: омега 3-6-9, цинк,  витамин Д, Витамин Е, калциум, јод, фосфор, глукозамин, хондроитин и уште многу останати. И уште една многу важна информација е дека суплементите за луѓе не се исти со суплементите за кучиња, затоа не може да ги најдеш во аптека и не треба да го направиш тоа. Ниеден рецепт не може да е идеално балансиран, па затоа доколку нема суплементи тогаш тој оброк не може да е балансиран и секогаш ќе недостасува нешто во исхраната.

  1. Sourcing: од каде ги гледаш информациите, од каде нарачуваш храна и потеклото на месото.

Прв аспект од ова е од каде го гледаш рецептот. Дали тој блог или таа личност е сертифицирана и едуцирана за да може да направи рецепти за кучиња? За жал на интернет постојат многу некомплетни рецепти, лажни информации и затоа треба да бидете внимателни чии рецепти следите или купувате.

Втор аспект е од каде нарачуваш храна и дали таа компанија ги има сите документи и дозволи? Производство на храна е многу сериозна тема која бара многу регулативи, проверки, контроли, хигиена, дозволи од Агенција за Храна и Ветерина и останато. Затоа пред да се одлучиш да нарачаш оброк за твоето куче осигурај се дека тоа место има дозвола да ја произведе таа храна и ги има сите стандарди. Тоа е нешто слично како ресторан за луѓе и мора да се почитуваат согласните закони и регулативи.

И трет аспект е потеклото на состојките (месото) и начин на чување. Секој тип на месо или производство не е исто, и тука не разговараме за брендови туку за квалитет. Секогаш треба да знаеш од каде доаѓа месото, каде е чувано и каков квалитет бидејќи тоа влијае многу на исхраната и превенција на многу болести (салмонела на пример). Исто така важно е таа храна како е подготвена, каде се чува и дали е добро спакувана. Можеби ова се чини како нерелевантни информации, но се едни од најважните прашања на кои мора да имаш одговор од компанијата од која нарачуваш или доколку ти сам/а ги спремаш оброците.

 

Доколку ги поставиш некои од прашањата ќе сфатиш дека готвење или пак домашна храна за кучиња е тема за која треба да сме многу внимателни бидејќи секоја мала грешка може да доведе со сериозни последици по здравјето. Ова се трите најголеми грешки и начин како да ги избегнеш и да знаеш да направиш подобар избор.

Доколку те интересира кои се основните елементи и што треба да содржи еден оброк, следи на наредната недела каде ќе ги објасниме сите поделби и ќе дадеме пример за секоја категорија. До следно читање 😊