Дентална хигиена кај миленици- што треба да знаеш?

Сигурно до сега имаш слушнато дека треба да ги миеме забите на нашите миленици повеќе пати, но ајде денеска да ги објасниме работите на поинаков агол. Дали можеби знаеш што би се случило доколку никогаш не ги миеш забите на твоето куче? Верувам дека сега ти паѓа на памет: лош здив, каменец, жолти флеки и слично. И тука си целосно во право, но за жал тоа не е целата приказна и работите се малку посериозни од само “лош здив”.

Дали знаеш дека кај кучињата кои се околу 3 годишна возраст, веќе 80% од нив имаат дентални проблеми? Тоа се сериозни бројки и значи дека огромен број на миленичиња страдаат, а ние не може да го знаеме тоа додека веќе не е доцна. Но без паника, тука не сме за превентива, решение и по некој мал предизвик.

 

Дентална хигиена кај милениците: зошто е многу повеќе од само лош здив

Најголем дел од сопствениците сметаат дека денталната хигиена кај милениците се однесува само на забите и лошиот здив. Тоа за жал е многу покомплицирано и во некои случаеви може да премине во сериозен здравствен проблем. Ајде да го објасниме на кратко: со таложење на каменец се собираат и бактерии во устата, но тие за жал не се задржуваат таму. Воспалените непца им дозволуваат на бактериите да навлезат во крвотокот и да предизвикаат сериозни здравствени проблеми со срцето, бубрезите, црниот дроб и имунитетот, дури во некои случаеви може да заврши и смртоносно. Иако воспалените непца се навистина болни и ги спречува милениците нормално да јадат и да функционираат, сепак тие не покажуваат болка на ист начин како и ние, па затоа може да помине долг период додека ние да сфатиме дека миленикот има сериозен проблем со забите. Баш поради оваа причина денталните проблеми се најигнорирани и најчест проблем кај нашите миленици. Но без паника, тука сме за да те научиме и да ги спречиме овие проблеми заедно!

Пет рани знацикои ние најчесто ги игнорираме

Денталните проблеми не започнуваат со талози на забите, туку тивко и незабележително. Но, сега ќе ти кажам на кои работи треба да внимаваш:

  1. Лош здив- не оној нормален кучешки/мачешки здив туку тежок и непријатен мирис
  2. Поспоро јадење – доколку миленичето има проблем со забите, се учи да се адаптира, без жалење или знаци дека нешто не е океј
  3. Паѓање на храна- можеби при јадењето им паѓаат зрнца храна или оддеднаш почнува да голта побрзо
  4. Не сака да си игра-  ако оддеднаш прекине да си игра, тегне или џвака омилената играчка
  5. Променливо однесување – станува кенкаво, лесно се лути, повлечено е, не сака да јаде храна или омилените грицки

Доколку забележиш еден од овие знаци тогаш е право време да ги провериш забите на ветеринар!

Дали е нормално моето милениче да има лош здив?

Краткиот одговор на ова би било: не! Во никој случај не е во ред секогаш кога ќе се доближиш до твоето милениче да се шири тежок мирис од кој ти се лоши. Хроничен лош здив е еден од првите и 100% сигурен знак дека во устата на твоето куче се таложат бактерии. Ама ајде прво да направиме споредба што е “нормален” мирис, а што е “лош” мирис?

 

Нормален мирис:

  • Мирис од храната
  • Се појавува после јадење
  • Исчезнува или се намалува после некое време или после пиење вода
Лош мирис:

  • Силен, непријатен мирис
  • Мирис кој го чувствуваш како доаѓаш поблиску
  • Станува се посилно и потешко

 

Доколку твоето милениче спаѓа во втората група, тогаш мораш во најбрзо време да го посетиш твојот ветеринар и да закажете темелно чистење на забите. Во овој случај нема да може да помогнат паста, спреј или било кој друг производ бидејќи со тоа само ќе се маскира мирисот, но изворот на проблемот ќе биде пак тука. Лошиот мирис е знак, не е потреба за козметичко решение затоа мора да реагираш.

Колку често треба да ги мијам забите на моето милениче (реално)?

Идеално би било да ги миеме секој ден, но ајде да бидеме реални, не сите го имаме тоа време во денот. Но доколку разговараме реалистично, би било одлично доколку еднаш во неделата одвоиш време за четкање на забите, а во текот на неделата користиш спреј или некоја дентална играчка. Звучи океј или е многу за тебе? 🙂

Еве и да не стигнеш да го правиш еднаш во неделата, најди некој баланс кој тебе ти одговара и прави го постојано. Не треба да е совршено, само додади го во твојата рутина и држи се до истата. Дури и да прескокнеш еден термин, доколку го правиш постојано малите чекори ќе ја направат целата разлика на светот. Почни полека со кратки сесии и секако вметни по некоја награда!

 

Кучиња VS Мачиња – која е разликата?

Кога разговараме за нашите миленици секогап зборуваме за кучиња и мачиња, но сепак во овој случај има мала разлика помеѓу нив. Доколку имаш маче за милениче тогаш треба да знаеш дека мачињата се уште повеќе толерантни на болка за разлика од кучињата, па треба добро да го познаваш твоето маче за да забележиш. Дополнително на тоа, денталните болести може да дадат знаци малку подоцна, што би можело да биде предизвик да се решат. И за крај, на мачињата им се потребни малку понежни четки за заби или производи бидејќи нивните непца се почувствителни.

Забелешка: денталните производи за куче и за маче се се секогаш исти.

Какви дентални производи постојат и кои се за моето милениче?

Ајде да ги поделиме:

  1. Паста и четка за заби- овој сет треба да ти е основа за редовно одржување на здрави заби, свеж здив и спречување на дентални проблеми.
  2. Дентални награди – помагаат за чистење на забите, вкусни се и може да ги користиш секој ден. Но, не го заменуваат четкањето на забите.
  3. Дентални играчки – одлична замена за четкање на заби доколку немаш време. Помагаат за механичко четкање и поттикнуваат џвакање.
  4. Спрејчиња, гелови, дентални течности- даваат поддршка за чисти заби и освежување на здив, исто така се одлични за почетници.

Тајната е да ја најдеш правилната комбинација, а не да се потпираш само на еден тип на производ.

Ако давам дентал грицки дали морам да четкам заби?

Краткиот одговор би бил: да! Може да забележиме дека на денталните награди пишува дека острануваат каменец, но ајде да те прашам: Доколку денеска џвакаш мастика саат време, дали немаш потреба да ги измиеш забите?

Замисли дека денталните награди се како бомбони или мастики за нас, но сепак ништо не може да го замени четкањето на забите бидечи тоа е најдобар начин да се исчистат од остатоци од храна. Денталните грицки се одлични за одржување на дентална хигиена додека да дојде денот за миење на запчињата, само треба добро да ги искомбинираш.

Дали постојат природни производи за чистење на заби?

Често на интернет може да најдеме статии или видеа каде се препорачуваат природни производи за чисти заби, но сепак треба да бидете внимателни бидејќи не сите се функционални или безбедни за нашите миленици.

Еве што може да користиш како природни “чистачи” на заби: кокосово масло во мали количини, термички преработено дрво или корен, природни суплементи, награди од млеко од бивол или природни рогови.

На кои производи треба да внимаваш: природни коски кои се кршат на шилци или се мали, природни производи наменети за луѓе, домашни пасти/производи кои може да ги направите сами од интернет.

 

Наскоро повеќе инфо..