Ми се грее душава!!!
Како студент на IB програмата во ЈБТ, работевме на проекти во кој соработувавме со Меѓаши и имавме повеќе активности со дечињата, како уметност или часови по англиски јазик. Од тогаш ми останаа при срце и секогаш се трудам да помогнам најмногу што можам. Моја и на Синиша беше идејата да помогнеме на денот на нашата свадба – наместо гостите да ни носат букет цвеќе, да донесат училишен прибор за дечиња по желба. Искажуваме огромна благодарност до Првата детска амбасада во Светот – Меѓаши и Жаре, кои нашата идеја во целост ни ја остварија и овој ден ни го направија посебен, како за нас младенците, така и за дечињата.
Едноставно сме пресреќни што сите гости ни донираа толку преубави работи, за кои сме сигурни дека ќе израдуваат многу дечиња, донирани со многу, многу љубов, за што искрено им благодариме. Секако, и Луна пет се приклучи на оваа донација со огромна љубов!
Немам што друго да кажам, Меѓаши сѐ кажаа како што треба. Нас ни остана да се радувамe.
Деспина, Луна Пет
Повелете текстот од ФБ страната на Првата детска амбасада во светот – Меѓаши
„Среќата е поголема кога се споделува!
Деспина и Синиша ви благодариме, најпрво за вашата желба да помогнете, потоа за вашата иницијатива тоа да го направите токму на денот на вашата свадба, и најпосле за мотивацијата на сите Ваши драги луѓе да ве следат во донаторската акција – Училишен прибор место цвеќе.
Со оваа активност нашите пакети од прехрамбени и хигиенски производи се комплетни, училишниот прибор за почеток на училишната година со насмевка и радост.
Вистинска инспирација за многу следни донаторски активности!
Дали може да се направи нешто поразлично, нешто корисно, нешто потрајно, некое добро што ќе биде од помош некому, нешто што ќе разбуди среќа и насмевка на нечие лице?
Среќата е поголема кога ја споделуваме и токму тоа го направија и Деспина и Синиша кои го имаа одговорот на сите претходни прашања додека го правеа планот за свадба.
Резултатот погледнете го на сликите, нивната желба за гостите беше предизвик и мотивација па така една свадба сега ќе значи и многу детски насмевки.
Ви благодариме и бидете среќни секогаш!“