Денеска сакаме да Ве запознаеме со трио фантастико под водство на Ани! Ова трио се состој од куче од расата Вејмаранер Бастион, куче по расата јазовичар Џиа и маче по име Манго. Од старт може да се заклучи дека сигурно не им е досадно! Ајде да видиме што има Ани да ни каже за оваа фантастична комбинација.
Кажи ни три карактеристични работи за Бастиан, Џиа и Манго
Бастиан, 7 години
Омилена личност – Ани
Омилена активност – Крадење храна, нуди професионални консултации
Невообичаена навика – Педантно отвара капак на херметички затворени тегли
Џиа, 1 година
Омилена личност – Џиа
Омилена активност – Копање (земја, кревети, воздух…)
Невообичаена навика – Не спие ако не може да се „закопа“ под нешто
Манго, 9 месеци
Омилена игра – Бркање на почетниот екран на Disney+
Омилена активност – Нанесување тешки телесни повреди на растенија
Невообичаена навика – Се одзива на име, доаѓа на команда и враќа топче
Како изгледа еден обичен ден со 3 целосно различни миленичиња?
Секое утро почнува без аларм, не буди Џиа како навиена. Додека Џиа сурфа под кревет од едниот до другиот и назад, Бастиан е залепен до мене и ми дише во врат. Во ходник не пречекува Манго кој нема привилегии за во спална заради сеансите што ги држи во 3 сабајле.
Ги шетаме па на враќање чистиме шепи и нормално сме под притисок за доручек. До 12 дома е општ хаос, кој трча, кој си игра, кој вика… Попладнето нема правила, може да спијат до 6-7 или да бараат грицки или шетање, а цел ден се гушкаме. Во точно 9 навечер Бастиан стои во ходник и интезивно не зјапа (да има саат на рака ке покажува накај него нетрпеливо) и се разбира одиме на шетање. По ритуалот на чистење шепи, погодивте. Вечера. Иако секој чека за своја порција, Џиа и Манго се прилично дрски. Џиа јаде многу бргу па се обидува да му чепне на Бастиан од чинија, исто и Манго.
Од 10.30 до полноќ никој не се сопира. Класични zoomies од разорни пропорции кои ги контролираме само ако личи дека соседите ќе ни додјат на врата. Лаење секако не е дозволено па тука во игра влегуваат грицки (најчесто банана или краставица) и менување на динамиката на играта. Кога е време да си легнеме Џиа исклучиво мора да се пикне ќебе. Манго го оставаме во дневна со капаче или топче од фолија за да ја амортизираме штетата од сеансите.
Дали тројцата имаат преземено некое однесување меѓу себе?
За среќа Џиа беше вклучена во дом со стабилно куче со воспоставена хиеарархија, па беше лесно да стекнат своја динамика. Двете раси се неверојатно тврдоглави и има потенцијал за хаос, но Бастиан е ретко мило куче кое се разбира од збор како човек. Има многу мирен и мил дух, и е бескрајно толерантен. А за да живееш со Џиа, треба да си прилично толерантен. Негови навики кои Џиа ги стекна се сите команди кои тој ги знае, и седењето со мене во тоалет без исклучок. Џиа е олицетворение на хиперактивност, а Бастиан професионален умилкувач со неопеани способности за крадење храна.
Манго има преземено однесување од двајцата. И он е во тоалет со мене (не памтам како е да се има приватност) но не пречекува на врата, седи исклучиво со нас, слуша команди и сака да фаќа грицки во лет. Тоа секако се должи и на возраста на која дојде кај нас, но и на тоа како го прифатија и како се вклопи во нивната хиерархија.
Раскажи ни ја приказната за Манго
Една недела излегов до продавница и само што го одминав мојот влез слушнав многу вонемирено мјаукање. На 4 метри виокиот плафон пред влезот кој беше направен од оние декоративни плочи кои се поместуваат беше фрлено сиво маченце. Појдовме кај чуварот на зградата и побаравме скала. Се качивме опремени со сардини. Прегладнет дојде да јаде, и додека си грицкаше Марко полека почна да го гали и на крај му дозволи да го земе. Нне беше сив…туку многу светло портокалов и секако прљав. Со сини очи и недораснати заби, немаше повеќе од 3-4 недели. Бидејќи беше недела и немаше ветеринар а немаше кај него ништо итно, го затворивме во транспортер за да не го допираат нашите кучиња и да не им пренесе нешто пред да го прегледа ветеринар. Се однесува како куче затоа што не беше растен со мајка од многу мала возраст, туку со кучињата.
Кој настан нема да го заборавиш во кој се вклучени сите тројца?
Некако тешко да се сетам на настан на кој Бастиан бил учесник. Но од кога реновиравме и се вселивме, 4 пати ни е менуван оптичкиот кабел. Работиме од дома, така што прилично зависиме од интернет. Првиот пат самите мајстори го имаа скинато кабелот. Два пати Манго и Џиа го искинаа кабелот затоа што беше спроведен по подот и немав време да го наместам во тунели. Третиот пат кабелот го спроведов низ пластични тунели, па цели две недели подоцна кога дојдовме дома целиот кабел со се тунелите беше искинат. Дури и Бастиан си земал од пластиката да си жвака. Манго бркаше парченца. Џиа повраќаше ситни делчиња од гумата… Овој пат ги натерав момците да го спорведат кабелот по таван, па ако успеат така да го скинат, тогаш ќе може да ни наплатат. Сите сметавме дека е фер договор, за среќа. Инаку ќе ги одработуваа тие 2400 и за викенд!
Која е најтешката работа кога си мулти-пет сопственик?
Координација на нега, грижа и трошоци. Секое е трошок, со второ, мало или големо, трошокот не се дуплира. Троструко се зголемува во одредени ситуации. Стерилизацијата е исто така задолжителна ако имате од двата пола од кои не планирате да имате легло. Другата опција е хорор и хаос на хормонална база.
Но покрај сето тоа кое е комплетно надминливо – ви треба еден куп трпение, и еден куп конзистентност. Не може да има различни правила и однос за поединечно животно. Вие сте тука да овозможите убав живот и мир на 2 или повеќе живи суштества на кои треба да сте им водач. Чистењето дома е како да миете заби а во исто време јадете чоколадо. Потребите за одржување хигиена се огромни со едно, а со повеќе се лудница. За сето тоа треба да сте организирани (што ние сме можеби 70% од времето, вака искрено) а оптимално одржување хигиена е важно за сечија добробит.
Сите овие работи се изводливи. Животот со многу миленици е прекрасен. Ако можете да си дозволите, земете им друштво!
Кажи ни те молам како е да се чува куче од расата Вејмаранер?
Што е Вајмеранер – Енергично, ектремно паметно и големо куче кое се приврзува за само еден член
Што НЕ Е Вајмеранер – Моден аксесоар, куче за во двор и куче кое се воспитува со физички закани
Многу тврдоглави кучиња кои не се за неискусни. Ова се ловечки кучиња (не се птичари) кои се користат за лов на крупен дивеч и можат без проблем да прескокнат ограда од 2м. Ако земете кученце, од 6 до 20-24 месеци дома ќе ви биде како да чувате диносаурус. Секогаш купувајте од одгледувачи чии родители може да ги видите и имаат сертификат за здрави колкови, имаат заоблена а не аглеста форма на глава, долга муцка, високи се и со долги нозе. Многу е важно да не се од ситни родители кои имаат кратки крути уши без предни и задни залисци, кратки нозе или големи бели дамки – затоа што тие се склони кон болести и не се Вајмеранери. И најважно – милениците не се аксесоари! Не купувајте само затоа што ви изгледа убаво.
Кажи ни те молам како е да се чува куче од расата Јазовичар?
Што е јазовичар – Мускулесто, тврдоглаво куче со силен ловечки инстинкт и премногу енергија
Што НЕ Е јазовичар – Тивко салонско куче кое не пушта влакна, на кое не му треба шетање
Имаат сериозна тенденција да лаат, ако не се социјализираат на време знаат да се агресивни, и немаат off копче. Многу се бистри и забавни до бесвест. Најдете поуздан одледувач бидејќи се склони на алопеција и костозглобни проблеми кое ќе ве турнат кон големи трошоци или мизерен живот за кученцето. Никако не смеат да имаат прекумерна тежина заради склоност кон дијабет и срцеви проблеми, и голема тежина на формата на нивното тело кое ги прави неодоливи може да предизвика дискус хернија или инвалидитет. Треба да избегнувате често и многу одење по скали, како и премногу груба игра. Бараат строг и издржлив карактер кој нема да изгуби памет од повторување, затоа што сакаат да истераат кеиф по секоја цена. И како и за Вајмеранерите – не се аксесоари кои треба да се вклопат со вашиот имиџ.
Ти благодариме Ани за одвоеното време и што ни дозволи барем малку да видиме како се одвиваат активностите кога имаш три миленичиња кои се целосно различни! Секогаш е добро кога споделуваме информации и учиме нови и занимливи работи за нашите најдобри пријатели.