Денеска имаме една прекрасна приказна да споделиме за едно маче по име Зиги. Прекрасна бела мачка која е најдена на улица во сива боја, така стои и во пасош! Која е приказната на Зиги и Даниела прочитај за да дознаеш повеќе:
Кажи ни неколку работи за карактерот на Зиги
Зиги е префинета принцеза, со авторитетен став, но многу зависна од гушкање и внимание. Нормално, се дозирано според нејзини критериуми. Главна е на секое поле и, не знам дали знаете, ама земјата се врти околу неа. Не околу сонцето. Воедно е најголем набљудувач на птици и луѓе (најголемиот дел од денот го поминува на прозор (зимно време) или на тераса (летно време, оградена со мрежа од Луна пет).
Ноќта ја поминува со нас, и е многу врзана со двајцата.
Доколку не нема подолго време знае да прави драми. Секогаш не пречекува на влезна врата со “муабет”. За гости не е многу фан, си се повлекува на страна, освен ако не се редовните луѓе што веќе си ги знае, тогаш си бара да си седи во центар пажња.
Која беше инспирацијата за името Зиги?
Кога почнавме да мислиме за име, на ум ни доаѓаа нежни имиња како Луна и Бела. Меѓутоа, ни едно не ни легна, не беше доволно спрецифично. Зиги е маче кое го најдовме пред Зегин аптека. Тоа беше одлучно за името да биде на З, а Зиги беше лик од серија која што ја гледавме во моментот, плус и Ziggy Stardust на Бови е тука…
Кој беше одлучувачки фактор за тебе да ја задржиш?
Милениче ни беше тема на разговор повеќе од една година. Јас имам чувано персиско маче, Ненад има чувано лабрадор. Не можевме да се одлучиме дали маче дали куче ама двајцата бевме отворени за двете. Една одлука беше сигурна – дека сакаме да вдомиме. Зиги се појави спонтано, на ладен ден во Ноември. Си рековме – ако дојде со нас до дома, наша си е. Си дојде. Си ја избањавме и се тоа беше љубов на прв поглед 🙂
Само морам да напоменам дека кога ја најдовме беше сива. И во книшката и пишува дека е сива. Имаше сосема поинаков изглед, меѓутоа си ја имаше најмилата ѕвезда.
Како се справуваш кога не слуша наредби?
Се караме 🙂 Мачка како мачка… Не дека може многу да влијаеш на нејзиното однесување, ама кога ја земавме веднаш почнавме со воспитна прскалка со вода. Така Зиги не прави големи бељи (имаме цвекиња и други работи што мачкари не може да ги имаат). Редовно се работи на соживот дома, под тоа спаѓа сечење нокти и слично. Имаме обезбедено нејзини местенца низ станот и среќна си е со тоа. Најбитно од се, комуницираме постојано и мислам дека тоа има огромно влијание. Било кој миленик може да се разбере ѕсо сопственикот доколку му посвети внимание.
Среќа наша, Зиги е интелегентно суштество што знае да научи и да се прилагоди. На пример кога ќе и фрлиме топче, го враќа како кутре. Вода пие строго од чешма, сигнализира со повик од пред врата од веце.