Текстот во целост е преземен од ФБ страницата на Ива Стојановиќ.
Читам и плачам. Од нечовек до човек, од суровост до бесконечна љубов и хуманост.
Ива, чест ни е и привилегија што те познаваме.
Камо да беа сите како тебе, светот ќе беше многу поубаво место за живеење и за нас, и за нашите крзнени пријателчиња.
„Денеска сум многу среќна.
Како и секоја мајка што слави роденден на своето дете.
Ама кога детето преживеало пекол место убав почеток на животот, тогаш дополнително се трудиш да направиш да заборави на тоа.
Деновите на најслаткото старче на светот, се типично пензионерски.
Спие поголемиот дел од денот.
Алармира со звук сличен на мјаукање кога сака да го симнеш од кревет.
Или му се ручка, или му се пие водичка, или му се мочка/кака.
Веќе одамна не може сам да се симне, ниту пак да се качи. Слеп е. Глув е. Сенилен е. Заборава дека јадел, па бара пак.
Не може да се движи право, врти кругови во правец на стрелките на часовникот, до бесвест. Додека не клапне.
Во негова глава веројатно изгледа како да оди некаде. И оди и оди и оди…а не оди нигде.
Тука е он, тука сме и ние да бдееме над него постојано.
Окцето му се засушило, купи вештачки солзи, ставај.
Тешко се движи, ајде апчиња за подмачкување на тие стари зглопчиња. Секој ден по едно.
Два пати во денот, терапија за зголеменото срце јуначко. Апчиња директно пратени од Англија.
Секој ден, два пати, веќе две години. И со надеж дека уште долго долго ќе ги даваме.
Многу вода пие, брзо биохемија на ветеринар да се испита.
Водата исклучиво флаширана.
Спие ушушкан со поларни ќебенца, да му биде меко.
Климата работи постојано, да ги топли тие стари коски.
Затоа што цел живот го поминал во двор, кучиште од 3 кг што јадело коски и остатоци од манџи. Вода, кога како, ако падне дожд или по грешка да му се стави. Строго во мувлосано тањирче. Во зима да мрзне на ладен бетон и смрзната земја, во лето да полудува на сонце.
Куче е, небитно.
Имал тумор на тестисите? Е ако де, остај го, нека расте, нека му го деформира одењето, нека го боли. Куче е тоа. Ослепело и оглувело? Ни тогаш не го прибирај внатре. Остави го во опасност надвор.
Сѐ додека еден ден не залутал. Се изгубил за да се спаси.
Според нив, отишол да умре, сигурно е веќе мртов. Не го ни побараа.
Да, умре тоа ваше куче, ама се роди нашето најдрагоцено камче.
Си го гледаме како капка вода на дланка, затоа што заслужува.
Овие две години, како два нови живота.
Ручкаше торта денеска, кучешка, за него купена.
И мафини и колачиња и други слаткиши. Мљацкаше задоволно со тие малку запчиња правејќи се мусав. Најсладок мусавко.
Го сакаме, премногу!
И секој ден му е дар подарен.
И секој нареден, му го правиме поубав од претходниот.
Дај му малку лепче, да џвакне.
Купи му мевце, да се омрси, дај му паштета. Дај му сладолед да лизне на прст. Свежа краставичка, банана и јаболче. Сѐ, сѐ што сака, сѐ да проба.
Животот е еден, а деде Јода има два.
Среќен 16-ти роденден злато.
Уште многу ќе прославуваме заедно, затоа што нашата љубов ти дава сила да живееш.
Те сакаме сите на куп“
Ива, искрено ти благодариме, што и ние, на овој голем ден, бевме дел од неговата среќа!