Благодарни сме што и оваа пролет бевме дел од извонредниот настан – Пролетен маскенбал на кученца вдомени од Лајка, втор по ред, за кој сите искрено веруваме дека ќе премине во традиција.
Како што велат организаторите од Лајка: „Главната цел на овој настан е да се подигне свеста за вдомување на бездомни кучиња.“
Прекрасно поминат ден, опкружени со четириножни, крзнени топчиња, кои весело трчкаа наоколу и мавтаа со опавчињата, маскирани во пеперутки и буба мари, ликови од цртаните филмови и приказните, како: Црвенкапа, Снежана, Супермен, Бетмен, Спајдермен, па од разни принцези и ориентални ликови до универзитетски дипломци и диригенти. Креативноста на нивите сопственици немаше лимит.
Победник за најдобра маска оваа 2024 година беше гордиот војник од македонската фаланга.