Има ли нешто поубаво од дружба со дечиња? Да, ама ако има вклучено и животни.
Токму водени од ова мото и со желба и Луна Пет да биде дел од Светскиот ден на детето (20 ноември), се решивме да направиме една кампања, во која ќе посетиме една градинка, едно Основно и едно Средно училиште во Скопје и ќе донираме по 7 кукички/хранилки за птици и по 20 кг просо, бидејќи и птиците, како и другите животни и домашни миленици, бараат посветеност, грижа и љубов.
Првиот дел од кампањата го реализиравме со посета на градинката ЈУГД на ОЦ „Раде Јовчевски Корчагин“, за што упатуваме голема благодарност до директорката г-ѓа Елена Устиматова. Бевме пресреќни што се дружевме со најмалите кои ни изнудија безброј насмевки со многуте прашања кои ни ги поставија за врапчињата и за зимата која ни претстои. Споделивме многу интересни информации, а тие сами ќе одберат каде ќе ги закачат кукичките и цела зима ќе ги полнат со храна, како што дечињата ни кажаа: „за врапчињата да не бидат гладни“.
Во вториот дел од кампањата „Светскиот ден на детето“, нашиот тим го посети ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во Аеродром – Скопје и упатуваме голема благодарност до Директорот на училиштето, г-дин Александар Филипчев и на неговиот многу топол и искрен прием. Поставивме дел од кукичките во училишниот двор и требаше само да почекаме да заѕвони училишното ѕвонче, дечињата да излезат од училниците во училишниот двор и да им се израдуваат. Понатамошната грижа за врапчињата во зимските ладни денови кои следат, ним им ја препуштаме и сигурност знаеме дека многу добро ќе се грижат за нив.
Третиот дел допрва ќе го реализираме и со нетрпение го очекуваме.
Горди сме што можевме да учествуваме во оваа кампања и да споделиме информации за всадување и развивање љубов и емпатија на децата кон животинскиот свет, кои позитивно ќе влијаат врз нивниот понатамошен раст и развој во доблесни карактерни личности исполнети со грижа, нега и посветеност кон животните. А ние, секогаш ќе им бидеме на располагање за било каква помош.
Им благодариме на децата за нивната искрена љубов кон животните и посакуваме оваа кампања да прерасне во традиција и да ја спроведуваме секоја година.