Планираш патување или одмор со твоето милениче во Европа? Еве што треба да знаеш пред твоето патување:
Во секоја земја членка на EU (плус Норвешка и Северна Ирска) може да патуваш со твоето куче, маче или ферет, но мора да сте запознаени со правилата за да имате време да ги спремите сите потребни документи и активности. Најчесто, истите правила важат и за патување надвор од EU, но доколку имаш одредена дестинација на ум најдобро е да ги провериш и правилата на одредената држава или континент.
Речиси секое милениче може да патува во друга држава доколку ги исполнува следните услови:
- Има активен микрочип (според легислативите на EU и е активно регистриран на името на сопственикот), или има тетоважа која е јасно видлива и направена пред 3 Јули 2011 година
- Од своето раѓање има редовно примена вакцина против беснило (најдобро е да е активна над 21 ден од денот на патувањето)
- Редовно и активно дејство на таблета против интерни паразити и тенија (Echinococcus multilocularis)
- Активен и важечки EU пасош каде се заведени сите информации на миленикот, информации за сопственикот, минати вакцини и ре-вакцинации и код од чипот.
- Дополнително секоја земја може да побара на увид и здравствен сертификат (EU Health Certificate)
- Дополнително некои од земјите може да бараат и увид од титар тест за беснило доколку миленикот патува од земја која не е во EU
Овие правила за влез на миленик во земјите во EU важат само ако миленикот патува заедно со сопственикот, а не за промена на сопствеништво или продажба.
Ајде да ги објасниме сите документи малку подетално:
- EU пасош за миленици
Пасошот е документ за идентификација на твоето милениче кој е изработен според стандардите на EU и е задолжителен доколку сакате да патувате со миленикот и се издава само на лица кои имаат куче, маче или ферет за милениче. Тоа е мала плава книшка во која се надевени сите информации за миленикот како: дата на раѓање, раса, физички изглед. Дополнително има информации за сопственикот како: име и презиме, адреса и телефонски број за контакт. Во книшката се заведени сите редовни вакцини, апчиња, терапии и секако информации за чипот (кодот и локација каде е ставен) или локација на тетоважата. Исто така има информации кој ветеринар е матичен и одговорен за грижа и вакцинација за миленикот. Пасошот може да го извади само ветеринар кој има авторизација за вадење на документи и истиот има важност додека ги има заведено последните вакцини. Штом местата за вакцини се исполнети, тогаш Вашиот матичен ветеринар треба да извади нов пасош.
- EU Сертификат за здравствена состојба на животните
Здравствениот сертификат е друг вид на документ за идентификација во кој се наоѓаат специфични информации за миленикот (идентитет, генерална здравствена состојба, вакцинација против беснило) и најчесто е потребно да го извадите доколку патувате во некоја земја од Европската унија. Се основа на стандарден модел и може да го извадите кај Вашиот матичен ветеринар кој е авторизиран за вадење на документи. Од денот на издавање на документот истиот има важност од 10 дена за влез во земјите на EU, а штом веќе ја помине границата има важност од 4 месеци или додека не истече вакцината за беснило доколку е помалку од 4 месеци. Важна напомена: издавање на сертификатот може да трае од 3 до 7 дена.
Дополнително, треба да пополните и да прикачите писмена изјава со сертификатот во која ќе се наведе дека неговото патување е од некомерцијални причини. Оваа изјава е потребна и ако твоето милениче патува под одговорност на лице овластено од ваша страна. Во овој случај, патување мора да биде во рок од 5 дена од патувањето на миленичето и/ или овластеното лице.
- На граница со твоето милениче
Доколку треба да поминеш граница со твоето милениче тогаш треба да бидеш на исто место со миленикот на местата одредени за поминување граница. При влезот, надлежните органи ќе ги проверат документите и идентитетот на твоето милениче. Доколку милекот не ги помине овие проверки или ги нема сите потребни документи може да биде вратено во земјата на поаѓање или да биде ставено во карантин додека не ги исполни здравствените правила на EU. Затоа е важно да ги имаш сите документи со тебе и сите информации да се јасни и вистинити.
- Миленици кои патуваат без сопственик
По правило, миленикот секогаш треба да патува заедно со сопственикот кој е заведен на сите горенаведени документи. Но, во случај миленикот да нема придружба од сопственикот, можете да дадете писмена дозвола на друго лице да го придружува твоето милениче наместо тебе (оваа писмена изјава е опишана погоре). Сепак, ова е дозволено само ако вашето патување е во рок од 5 дена од патувањето на домашното милениче и/ или овластеното лице. Секако, и за овластеното лице важат сите горенаведени правила за патување со миленик.
- Патување со повеќе од 5 домашни миленици
Доколку имаш поголем број од 5 домашни миленичиња (куче, маче или ферет) мора да биде приложен доказ дека: милениците имаат пријавено учество на натпревар, изложба или спортски активности и да ги покажете документите како доказ и дека се повозрасни од 6 месеци. Доколку не го исполнувате овој услов тогаш ќе мора да ги проверите одредените законски легислативи во земјата во која патувате.
- Патување со останати домашни миленици
Европските пасоши за домашни миленици се издаваат само за кучиња, мачки и ферети. Доколку патуваш во друга земја од ЕУ со други домашни миленици, како што се птици, украсни водни животни, влекачи, глодари или зајаци, најдобро е да ги провериш националните правила на земјата што планирате да ја посетите за информации за условите за влез.
На следниот линк може да ги дознаеш сите потребни документи и информации за земјата од и до која патуваш:
https://europa.eu/youreurope/citizens/travel/carry/pets-and-other-animals/index_en.htm
Дали има нешто друго кое треба да го знаеш? Да, апсолутно!
- Многу е важно миленичето да има активна заштита од екстерни паразити како ампула, ремче, таблета или спреј.
- Исто така важно е да имаш соодветна опрема за шетање која е во добра состојба бидејќи миленикот секогаш треба да биде врзан на поводник.
- Во некои држави задолжително е да имате маска за сите кучиња или за одредени раси, па затоа провери ги националните закони за земјата во кои патуваш.
- Доколку патуваш со кола миленикот треба да биде безбедно затворен во транспортер или пак да биде на задно седиште врзано со додаток за појас на градник.
- Покрај документите за идентификација, се препорачува да имате и привезок за идентификација во кое се наведени: името на миленикот и број за контакти.
- Задолжително е да имате секое време при рака шише за вода и тоалет кеси за измет.
Ова се важни информации кои треба да ги знаеш и затоа е важно да ги знаеш пред време да имаш време да се спремиш. Во наредниот блог пост ќе ти дадеме насоки што треба да имаш во торбата на твоето милениче + важни tips and tricks кои многу ќе ти помогнат.
До следно читање <3