Твоето милениче сигурно има голем број на предмети, од тањирчиња, играчки па се до опрема за шетање! Исто како и твоите предмети, тие стануваат нечисти со тек на време, а тоа значи дека на нив се таложат нечистотии и бактерии кои не ги сакаш во твојот дом, а истовремено и не се добри по здравјето на твоето милениче! Затоа е особено важно да ги одржуваш чисти предметите на твоето милениче, иако најчесто тие не забележуваат дека се нечисти 😊
Милениците имаат предмети кои се направени од повеќе материјали и можеби е збунувачки за тоа како и колку често треба да ги одржуваш за да бидат чисти постојано. Можеби не знаеш, но нечисти предмети (особено местото на спиење) е честа причина за алергии!
Ајде да видиме како правилно треба да ги одржуваш предметите на твоето милениче чисти постојано:
Тањирчиња за храна и вода
Тие треба да се чистат секој ден!
Дали сте знаеле дека според научното истражување на NFS (Организација за јавно здравје) тањичињата на нашите миленици се четвртиот предмет кој има најмногу бактерии во нашиот дом? Тоа не е толку шокантно кога ќе размислиме дека милениците постојано го лижат тањирчето, а ако не е редовно одржувано под висока температура е идеално место за развој на голем број на бактерии и нечистотии. Сепак многу од сопствениците ги мијат тањирчињата еднаш во недела што може да предизвика проблем во иднина со здравјето.
За да се олесни одржувањето на тањирчињата најдобро е да одберете тањирче кое може да се пере во машина за садови, на тој начин нема да може да се таложат нечистотии, исто како и за нашите тањири и чаши за јадење. Наша препорака е да одбереп високо квалитетни тањири кои се од инокс или керамика и да избегнуваш пластични или гумени за секојдневно користење. Доволно е барем еднаш да ги ставите во машина за садови на висока температура, а секојдневно да ги чистите со благ детергент за секогаш да бидат чисти и спремни за користење.
Креветче, перница или ќебе
Тие треба да се чистат еднаш неделно!
Исто како што ја менуваме нашата постелнина за спиење, исто така треба да го одржуваме и местото на спиење на нашите миленици. Платнените материјали впиваат многу нечистотии и бактерии од крзното и шепите на нашите миленици, кои потоа се пренесуваат на нивната кожа. Со тек на време тие стануваат честа причина за алергии и иритации на кожа, па затоа е важно да не дозволиме да влијае врз нивното здравје.
Пред да се одлучиш за креветче разгледај ги внимателно насоките за одржување и перење, голем број на креветчиња имаат патент кој овозможува да се извадат внатрешните перници и да се испере платното. За сите прекривки и ќебиња исто така треба да се перат еднаш во неделата, особено ако нашето милениче поминува долго време во местото за спиење. Добра идеа е и да го чистите со правосмукалка пред перење или ролер за да се извадат сите влакна пред перењето.
Треба да внимавате и кој детергент го користите, најдобро би било да одберете специјализиран детергент за миленици кои нема мирис и јаки хемикалии кој може да им штетат по здравје. Ако не може да најдете таков производ тогаш одберете производ од линијата за бебиња или оние кои се етикетирани со “sensitive” знак за чувствителна кожа.
Играчки (гумени или платнени)
Треба да се чистат секој ден или еднаш во месец!
Омилените предмети на нашите миленици се нивните играчки, но ако размислиме дека тие ги носат во уста и потоа ги фрлаат на земја (најчесто топчињата и надвор од дома!) што значи дека се директен извор на бактерии па се до мувла! Ова се неколку добри причини да размислите и да ја одржувате хигиената на повисоко ниво, особено ако ти и твоето милениче го обожавате паркот за кучиња.
Играчките кои се цврсти и гумени лесно може да ги одржувате со благ сапун и топла вода, на тој начин ќе ги отстраните нечистотиите без разлика дали се за дома или за надвор. Ако некое топче го враќате дома од прошетката во парк, тогаш обавезно мора да го исчистите пред да го вратите назад во корпата со останатите играчки.
Играчките кои се платнени или плишани најдобро е да се перат рачно или во машина за алишта со мек детергент и без мириси и да се исушат без топлина. На тој начин играчките постојано ќе бидат чисти и со тоа ќе спречите развој на бактерии и нечистотии.
Опрема за шетање
(градник, околувратник, поводник и гардероба)
Треба да се чистат еднаш во месец или по потреба!
Замислете да носите нешто секој ден и притоа никогаш да не го перете или чистите- тоа воопшто не би Ви се допаднало. На тој начин треба да ја гледате и опремата на Вашето милениче,особено ако се работи за ремче кое го користите секојдневно и сте често на прошетка со истото.
Кога купувате опрема за шетање треба да внимавате на тоа каков материјал одбирате и како се одржува истиот. Ако барате материјал кој не пропушта вода и е лесен за одржување, тогаш побарајте неопрен или гума (се чисти рачно или со влажна крпа). Кожата е високо квалитетен избор, но треба да внимавате како ја користите и треба редовно да ја одржувате со восок и влажна крпа. Со кожни предмети треба да избегнувате вода или дожд. Додека пак сите останати платнени производи (вклучувајки ја и гардеробата) треба да ги одржувате почесто и да ги перете рачно или во машина на ниска температура.
- Забелешка: никогаш не ставајте предмети со влакна во машина за перење бидејќи може да ја расипете машината. Пред да ги ставите за перење треба да ги отстраните влакната
- Не се препорачува да користите центрифуга при перење на предметите за Вашето милениче бидејќи може да ги оштетите