Дали треба да внимавам на оралната хигиена на моето милениче?

Голем број од сопственици на миленичиња не посветуваат доволно внимание на оралната хигиена кај нивните миленици, поради тоа голем број од милениците имаат каменец, флеки на забите, лош здив и сето тоа пред да наполнат три години! Сега може ќе си помислиш: па да куче е и не може да мириса на ментол (што е точно) ама па и не е во ред да се онесвестиш кога ќе дојде до тебе 😊

Запоставување на оралната хигиена може да доведе до сериозни здравствени заболувања и најдобар начин да се спречат е да се вметне чистење на забите во Вашата дневна или неделна рутина. Исто како и кај нас луѓето, доколку не се внимава на забите може да дојде до расипување на заби, воспаление на непце и таложење на каменец и за жал знаеме колку тоа може да е болно. Сигурно е дека тоа не го посакуваме за нашите миленичиња, па ајде да разгледаме неколку совети и идеи за како нашите миленичиња да имаат чисти и здрави запчиња:

Четкање на заби

Ако за прв пат читаш и се чудиш- да, и на куче и маче им се четкаат забите бидејќи е најдобар начин да се спречи таложење на каменец и лош здив. Нема потреба да ги миете забите секој ден, но секако почесто е и подобро. Ни едно милениче не е воодушевено кога ќе дојде ред за миење на заби, но затоа важно е да им ја вметнете оваа рутина додека се многу мали, за со тек на време да им стане навика. Исто како чистење на очи или сечење на нокти, тоа е нешто кое мора да се направи. Прво нешто кое треба да го знаеш е дека постојат посебни четки и пасти за милениците, не се исти како оние кои ние ги користиме. Плус, пастите за милениците се со вкус на пилешко или путер од кикирики за да им биде попривлечно 😊 Во врска со четките, има повеќе видови на четки, но за почеток најдобро е да одбереш нешто кое е меко како орален напрсток. Исто така треба да одбереш четка која е соодветна на големината на забите на миленичето, инаку нема да биде ефективно.  За повеќе beginner friendly совети на оваа тема, ќе направиме нов блог пост.

Дентал грицки

Кучињата обожаваат грицки па затоа сигурни сме дека сте веќе запознаени со некој тип на дентал грицки или стапчиња. Овие грицки помагаат во одржување на чисти заби, а доколку имаат и ментол во составот тогаш го освежуваат и здивот. За разлика од четкање, милениците повеќе ги сакаат овие закуски, но треба да имате една важна работа на ум: Дентал грицки се како мастики или бомбони за луѓето. Да, освежуваат здив и чистат заби, но на крајот на денот мора да измиеме заби, нели? Истото важи и за нашите миленичиња.

Исто така може да користите и грицки за гризање (dog chews) кои подолго време го занимаваат Вашето милениче и го поттикнуваат да гриза. Тоа може да бидат дрва, коски, уши или рогови (напомена: кои може да ги најдете во пет шоп специјализирани за миленици).

Дентал играчки

Ако бараш нешто поедноставно и без калории, тогаш дентал играчките се одлична алтернатива. Тоа се оние играчки со нерамнини, боцки и иглички кои се наоѓаат на играчките и додека миленичето си игра во исто време ги чисти и забите. Дентал играчки може да бидат во повеќе форми како на пример: стапче, топче, коска и слично. За да го поттикнеш миленичето подолго време да си игра со играчката во нерамнините може да ставиш малку грицки, патe дури и малку од пастата за заби!

Професионално чистење на ветеринар

Доколку сметаш дека ти е потребно помош со отстранувањето на каменец доколку е веќе многу наталожено на забите, тогаш е време да побараш професионална помош. Консултирај се кај твојот ветеринар и следи ги нивните препораки, зависно од твоето милениче и до кој степен е развиен проблемот, каменецот може да се извади мануално или пак со успивање. Важно е да знаеш дека после чистењето на каменец на ветеринар треба да посветите повеќе време на оралната хигиена со цел да се избегнат поматамошните проблеми.

 

Не заборавај, чисти заби е половина здравје како и за нас така и за нив!