Фази на развој кај мали кутриња

За твоето куче да биде правилно развиено, да знае како да се снајде во секоја ситуација надвор од домот и ти да знаеш како да се справиш со него додека да расте треба да ги знаеш фазите на развој на малите кутриња. Така ќе може да ја следиш секоја промена и да знаеш како правилно да постапиш во секоја ситуација. Кои се фазите на развој кај малите кутриња, кои промени ќе ги забележиш и како да се снајдеш? Ајде ќе ги објасниме тука:

Фази на развој

Има пет фази на развој кај малите кутриња. Сепак треба да се напомене дека секое кутре не се развива исто бидејќи секое кутре е различно, па затоа временскиот период е индивидуален.

Фаза 1: Неонатален период (0 – 2 недели)

Првата фаза започнува со нивното раѓање. Во овој период кутрињата се ориентираат според допир, мирис и целосно зависат од нивната мајка.

Фаза 2: Транзициски период (2 – 4 недели)

Нивните сетила полека почнуваат да се развиваат, полека се појавуваат и првите запчиња и ги отвараат очите. Во овој период почнуваат да го градат и покажуваат својот карактер додека комуницираат со кутрињата од своето легло, со играње и истражување.

Фаза 3:  Период на социјализација (3 – 12 недели)

Ова е најважната фаза во развојот кај малите кутриња. Тука сите промени се случуваат брзо бидејќи тогаш и одат во својот нов дом.

Од 3-5 недели тие почнуваат да се свесни за околината и да создаваат врска со луѓето, како и звуците околу нив како на пример: телевизор, кола, блендер, правосмукалка, телефон и слично. Исто така тие почнуваат да си играат и да комуницираат, се зголемува нивната љубопитност како и потребата за гризање.

Од 7-9 недела тие имаат веќе целосно развиени сетила и може да одат во својот нов дом. Тоа значи дека е на средина од периодот на социјализација. Новиот сопственик треба да го запознае кутрето со сите звуци или предмети кои се наоѓаат во новата околина. Исто така важно е да се запознае со неколку луѓе или милениче, секако под целосна контрола за да се спречи повреда или болест.

Ако се решите да го чувате во кафез (crate training) почнувате уште од сега. Сите навики кои сакате Вашето кутре да ги има за цел живот сега почнувате да ги вметнувате во секојдневието, и со постојана пракса да знае дека тоа е нешто кое е нормално и треба да се прави.

Во овој период им излегуваат запчиња и сакаат да гризаат раце или предмети, затоа важно е да ги научите дека тоа не е во ред и да ги насочите кон играчки. Ако им остане навика да гризаат, тоа ќе им остане и за понатаму затоа бидете внимателни.

Фаза 4: Период на тестирање (3 – 6 месеци)

Во овој период кутрињата започнуваат да ги тестираат своите граници со светот, границите на нивните сопственици како и останатите животни. Во оваа фаза од развојот тие стекнуваат манири како и развој на проблематично однесување. Сега е одличен период и да размислите за дресер на кучиња доколку Ви е потребно помош. Во слободно време треба да вежбате основни наредби на дневна база бидејќи сега учат најдобро.

Гризањето е сега најчесто и тие намерно може да направат некоја беља, во овој период треба да внимавате повеќе на нив, да имаат соодветни играчки и да посветите повеќе внимание за да не оштетуваат предмети во домот.

Фаза 5: Адолесценција (6 – 18 месеци)

Како и кај луѓето, оваа фаза е најтешка за кутрињата бидејќи ова е фаза каде тие се “тинејџери” и им работат хормоните и им влијаат на нивното однесување. Кај малите раси оваа фаза може да започне околу 6 месеци, додека пак кај големите раси може да е околу 10 месеци и може да трае до 2 години. Колку е поголемо кучето, толку развојот им трае подолго.

Како може да препознаеш дека твоето куче е влезено во тинејџерските години?

Машки

  • Спуштање на тестиси
  • Обележување на територија
  • Кревање на нога за мочкање
  • Станува се помалку дружељубив
  • Повеќе заинтересиран за истражување, се помалку послушност
  • Може да обележи територија во домот
  • Може да развие агресија кон други машки кучиња

Женки

  • Започнување на првиот менструален циклус
  • Покажува непредвидливо однесување
  • Често менува расположение
  • Летаргичност или незаинтересираност
  • Покажување на агресија

Исто така може да ги сретнете и следниве однесувања кои се карактеристични за време на тинејџерските месеци:

  • Гризање на мебел,чевли и слично
  • Непредвидливо енергично однесување и трчање (zoomies)
  • Сексуални нагони
  • Покажување на агресија ако му земеш храна, грицка или играчка
  • Покажување агресија за време на прошетки кон луѓе или кучиња
  • Мочкање или какање во домот
  • Не слуша наредби, нема интерес да врати на команда, се прави дека не слуша и не доаѓа ако го повикаш
  • Покажува манипулативно на начин да ги тестира границите на сопственикот

Најчесто голем број од овие однесувања ќе престанат откако ќе ја поминете оваа фаза, но доколку се игнорирани може да им останат во навика која потоа многу потешко ќе ја оттргнете. Најдобар начин да се надмине оваа фаза е кога на кучето ќе му дадете задачи и активности за правилно да ја насочи својата енергија. Важно е да бидете трпеливи и постојани, но доколку не може да се снајдете сами тогаш најдобро е да се консултирате со дресер на време.