Дневните прошетки за твоето куче се основа за долг живот и добра здравје, без разлика дали имаш мало енергично кутре или возрасно куче. Но, кога е сезоната на дождови, имаме два типови на кучиња: едни кои уживаат во дождот и скокаат во секое вирче, и кучиња на кои се во шок и не сакаат воопшто да шетаат! 😊
Без разлика во која група спаѓа твоето куче, сепак мора да направиме некои мали промени кога надвор врне и времето е променливо. Намалена е видливоста, се повеќе возила има по улиците, а ладното време и идеално за есенски настинки дури и за нашите кучиња. Во овој период треба да сме спремни и информирани за да преземеме неколку чекори за безбедни прошетки на дождот, без разлика дали надвор има по некоја капка или баш “истура дожд”.
Ајде да видиме кои се важните 7 чекори кои треба да ги преземеме за прошетки кога времето е врнежливо:
- Следи ја метео прогнозата 3-4 дена однапред
Да се биде однапред информиран/а е од голема важност, особено ако ти и твоето куче сакате долги и авантуристички прошетки. Некои пак ја бираат населбата во која живеат и планираат прошетки од 30тина минути. Но, во секој случај важно е да се следи метео за времето кое ни следи во наредните денови со цел да може да го испланираме времето за шетање. На пример ако утре имаме пороен дожд, тогаш денеска треба да ја додадеме таа поголема прошетка која ја планиравме, а за утре да го извадиме шушкавецот да ни биде при рака.
Никогаш не се препорачуваат долги прошетки за време на пороен дожд, а има и кучиња кои се преплашени од грмотевици. Тоа се неколку важни фактори за кои добро е да сме информираме на време и правилно да ги испланираме наредните денови. Особено е важно ако имаш мало кутре и прошетките се почести или пак сениор кучиња кои се чувствителни на промени.
Важно е да се има на ум дека во есенскиот период честа е појавата на сезонски алергии, па ако приметиш почесто чешање или иритации на кожа тогаш треба да закажеш посета кај твојот ветеринар.
- Инвестирајте во квалитетен шушкавец или јакна
Покрај тоа што се неодоливи сите кучиња кои се облечени во јакна или шушкавец, тие се особено важни за нивното здравје и навремено спречување на настинки. Секогаш е важно да го заштитиме нашето куче од студено време и дожд, но исто како и кога ние бараме квалитетна јакна така треба и да побараме и за нашите миленици.
Инвестирајте во квалитетна гардероба, побарајте материјали кои се високо квалитетни и издржливи со цел да може да ги користите повеќе сезони. Избегнувајте тенки платна и материјали кои пропуштаат вода, но исто така и најдете модел кој е соодветен според градбата на Вашето куче. Најдобро е да го посетите Вашиот омилен пет шоп и да пробате повеќе модели на јакни или шушкавци и да го најдете го моделот кој најмногу Ви се допаѓа и комфорно за носење на Вашето куче.
- Секогаш целосно исушете ги шепите
После прошетката на дожд, важно е да ги исушите ноџињата и шепите на Вашето куче бидејќи тие исто така може лесно да се разболат ако се мокри подолго време. Најдобро е да користите микро фибер пешкир или бањарка бидејќи овој материјал помага во брзо впивање на вода! Не ја заборавај и внатрешноста на шепите помеѓу перничките!
Исто така може да побараш и кондурчиња за твоето куче за заштита од хемикалии (особено ако живееш во урбана средина), за ладно време и вода. Штом ќе најдеш модел на кондури кои се удобни и не пропуштаат вода, тогаш времето на сушење значително ќе биде намалено.
- Одбери светли бои и/или рефлектирачки елементи
На есен и зима видливоста е значително намалена, особено ако времето е врнежливо или има магла. Секогаш е подобро да го облечеш твоето куче во светли бои кои ќе бидат лесно забележливи од страна на минувачите како и возилата на улица. Избегнувај бои кои се темни и немаат рефлективни елементи.
Исто така е важно да имате опрема (ремче или поводник) со рефлективни елементи бидејќи во овој период од годината се стемнува брзо, па екстра видливост е секогаш добра идеа!
- Скратете ги прошетките кога надвор врне
Кога времето е лошо и студено, добра идеа е да ги скратиме прошетките колку и да не му се допаѓа таа идеа на Вашето милениче. Имајте на ум дека ладното време и мокрото крзно се идеални услови за настинки, дури и за нив. Затоа во деновите кога има обилни дождови најдобро е да ги скратите прошетките, а да испланирате долга прошетка кога времето ќе биде подобро.
- Променете ја рутата на прошетката
Земајќи ги во предвид сите горенаведени информации, добра идеа е да одберете патека која е рамна (како на пример: шеталиште или тротоар), а подобро би било да избегнувате отворени места и паркови во висока трева и мокри листови.
- Не дозволувај на кучето да пие вода од дожд или вирчиња
Ако твоето куче го обожава дождот и сака да си игра во вирчиња, многу веројатно е дека ќе проба и да се напие вода од нив. Вирчињата содржат голем број на бактерии и нечистотии, па дури и хемикалии во урбаната средина, кои се опасни по здравјето на Вашето куче, затоа внимавајте да не се напие вода за време на прошетката. Затоа добро е да понесете шише вода, иако не е топло надвор со цел да спречите уште една беља од Вашето куче! 😊
Безбедноста треба да биде приоритет за време на прошетките на дожд, па затоа наша препорака е секогаш кучето да биде на поводник и да биде запознаено со основни команди. Исто така има и кучиња кои реагираат на грмотевици или во непредвидливи ситуации, па затоа е важно Вие да ја имате целата контрола. Ако ги земете сите овие информации во предвид, сигурни сме дека ќе уживате во есенските прошетки и врнежливото време 😊